“Сомнение веќе нема.
Изворите на фолклорот нема никогаш да секнат.”

Борис Начовски
Новинар во Радио Битола

Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, во текот на своето многу годишно егзистирање, активност и делување, покажа и докажа дека не е инцидентна појава, туку дека е своевиден културен процес, кој е нужно потребен како значајна алка во континуитетот на живото егзистирање на традиционалните културни вредности.

Неговото воспоставување фактички претставува и воспоставување на еден систем за негување, и презентација на традиционалните културни вредности. Систем кој што е така конципиран, да може ефективно да функционира и генерира континуитет во правец кој што му е нужно потребен на нашите традиционални вредности.

Женска пеачка група с. Склаве, Бугарија (2008 год.)
Женска пеачка група с. Склаве, Бугарија (2008 год.)

Времето во кое живееме носи со себе нови критериуми за сценска презентација, нови медиумски решенија, нови маркетиншки насоки, нови правци за развој.
На фестивалот му е потребно имплементирање на нова визија која што во себе ќе ги инкорпорира вредностите од досегашното четири децениско постоење и новите стандарди, критериуми и норми на презентација.

Покрај тоа, фестивалот треба да продуцира нови кадри кои ќе му донесат свежина и напредок, да оформи лоби групи од новите едуцирани етнолози, етномузиколози, кои со својата стручност и компетентност ќе се изборат за подобар финансиски третман на фестивалот и воопшто на фолклорниот аматеризам во Република Македонија.

Иницијаторите, културните дејци кои го оформиле фестивалот, како и сите оние кои со својата дејност го довеле до денешното вредносно ниво, си имаат свое место во историјата.
Време е новите генерации стручни лица, ентузијасти, вљубеници во народната култура, врз основа на темелните поставки, со своја современа визија да го продолжат и надоградат Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” Битола.

Изворите на фолклорот нема да секнат, наша обврска е со капки вистински вредности, кои извираат од дамарите, да ги напоиме идните генерации за животниот сок од корените да стигне до цветовите.