“Од маката чекор, од солзата збор, од душата вруток, и катаден така, години, векови – вечност.”

Валентин Соклевски

За разлика од многу други народи, кои уште во XIX век имаат развиено научни дисциплини и кадри кои ја издигаа националната етнографија и фолклористика за своите потреби, македонскиот народ дури по Втората светска војна, на територијата на денешна Република Македонија успеа да оформи институции кои што научно, стручно и ком-петентно започнуваат да ја третираат народната култура и традиција.

ФА “Цветови” Дедино, Радовиш (2008 год.)
ФА “Цветови” Дедино, Радовиш (2008 год.)

 

Во тој период, со голем ентузијазам, се разви и една нова сфера во континуитетот на народната култура, претставена преку формирање на голем број на културно уметнички друштва и фолклорни ансамбли скоро во сите населени места во репу-бликата. Таа тенденција овозможи континуитетот на традицијата, тоа што некогаш се правеше во кругот на семејството, на средсело, на седенки, слави или прослави по разни поводи, да се прави организирано во рамките на здруженијата од областа на фолклорниот аматеризам, преку проучување, едукација и презен-тација на автентичните културни вредности.

Таа желба за слободно истакнување и презентација на своите традиционални вредности и обележја, доведе до одржување на двата фолклорни фестивали на 11 октомври 1947 година во Битола и Штип, кои претставуваа вистински празник на тради-ционалните вредности, на кој што се претставија преку 1000 играорци и инструменталисти, членови на групи, од сите краеви на етничка Македонија.

“ Големо задоволство е човек да се потсети на тој фестивал, кога се слушаа убавите македонски народни песни од Повардарие, Пирин, Егеј, Долна Преспа и Голо Брдо, чие ехо допираше до ушите и срцата на секој Македонец и Македонка, а глетката ја надополнуваа убавите народни носии и везови. Битола во тие денови беше сцена за натпревар на народните ансамбли.”

Пеце Атанасовски
– Учесник на фестивалот што се одржа на
11 октомври 1947 во Битола

Со укинувањето на фестивалите во Битола и Штип, тој ентузијазам почна да спласнува, изворните фолклорни групи, особено во малите населени места, оставени сами на себе, без стручна помош и финансии почнаа да замираат, а во некои градски средини, културно уметничките друштва, понесени од новиот тренд на новопоставен обработен фолклор, по примерот на некои европски искуства, програмски се определија за кореографскиот пристап, а традиционалните автентични презентации беа оставени на заборавот.

Во такви услови се јави опасност за дисконтинуитет во народната култура, опасност од видоиз-менување на темелните традиционални вредности и калемење на содржини кои не биле својствени на битот на народот.