“И еве, слободната матица ги собира сите свои играорци на фестивалот “Илинденски денови”, дамнешни, скорешни и сегашни, и со вперен прст и сигурен поглед во иднината како да го експонира ликот на Македонија.
Да ни е среќен почетокот на фестивалот првенец.”
– “Блосов за првенецот”,
Билтен на фестивалот, 1971
Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, Битола е воспоставен во 1971 година, со подршка на Собранието на Општина Битола, Културно – просветните заедници на Македонија и Битола, а под покровителство на Собранието на Република Македонија.
Со длабоко вградена симболика, напоен со слободарските идеи на двата Илиндена, во чест на сите знаени и незнаени кои се вградија во темелите на татковината и народната самобитност, вдахновен од празникот Свети Илија, првиот Републички фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” се одржа од 30 јули до 2 август 1971 година.
Дваесетте фолклорни ансамбли од цела Македонија, во прекрасниот амбиент на летната
бавча на Домот на армијата во Битола, блеснаа со својата автентична бистрост, мелоритмика, колоритност, разновидност и раскошност.
Фестивалот се роди.
