“Народната традиција има вредност доколку луѓето длабоко ја чувствуваат”

Русо

Секој човек, секој народ, го изразува своето битие преку своите навики, обичаи, преку своето творештво, во различните сегменти од животот. Запознавајќи се самиот себе, запознавајќи ја приро-дата која го опкружува, човекот создава, се менува, се развива. Останувајќи верен на своите обичаи, на навиките, на духот на своите предци, човекот гради традиција за која што е длабоко емотивно поврзан. Таа традиција е бесценето богатство во светските цивилизациски текови.

“Како што е дрвото со коренот врзано за земјата, така народот е врзан со своите и верувањата на своите предци”.

Русо

Tradicija - Ilindenski denovi

Македонскиот народ, во текот на вековите, како израз на автентичниот духовен трепет, создал свои традиционални вредности кои што го отсликуваат неговиот живот, неговите навики, обичаи, ентитет и идентитет. Секој сегмент од традицијата, било да е обичај, занает, оро, песна, збор, глас, мелодија, или вез, носија, накит, инструмент, си има своја историја, мит, мотив, намена, своја цел. Нишката која ги поврзува, карактеризира, одделува и ги прави автентични и уникатни во светската цивилизациска ризница на традиционални вредности, извира од битот, духот на народот кој што ги создал, чувал и негувал.
Времето и историските настаните низ кои што се профилираше македонската традиција, го обременуваа животот на народот со ропство, негирање, присвојување и потиснување. Сето тоа доведе семејството да биде креативно гнездо, населбата, селото и средселото да станат едукативни жаришта, а прославите, обредите, обичаите, начин, место и време за презентација. Во такви услови, безбројни знајни и незнајни неимари создале традиционални духовни и материјални вредности, кои го отсликуваат животот и креативниот дух на македонскиот народ.
Во тој креативен процес, народнато творештво во сите свои облици, традицијата, беа клучните фактори во изградувањето на националната свест на македонскиот народ. Од раѓањето, детството, младоста, оформувањето на семејство, процесот на работа, па се до смртта, македонскиот човек е во длабока нераскинлива врска со духовното и материјалното народно творештво и традиција, кои го насочуваат, советуваат, едуцираат, изградуваат и го поттикнуваат на креација. Тоа придонело за високиот уметнички развој на различните сегмени на македонската народната култура и традиција, кои имаат значајно место во мозаикот на светските цивилизациски вредности.

Битолска старска група Оро “Чифте чамче” Каталог “Фестивали на народни песни и игри” Битола - Штип (11.10.1947 год.)
Битолска старска група
Оро “Чифте чамче”
Каталог “Фестивали на народни песни и игри”
Битола – Штип (11.10.1947 год.)