Народот, низ вековите, се вградил себеси во создавањето на една својствена, препознатлива народна култура, во чија што уметничка креација органски е вткаен својствениот бит, како знак за автентично постоење и самобитност, што не прави различни во светскиот културен и воопшто етнолошки мозаик.

Базирајќи се на цивилизациската обврска тоа наследство што се создавало низ вековите, да се зачува и пренесе на идните генерации, програмската концепција на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” е конципирана, пред с#, во функција на изворната, автентичната народна култура, преточена преку духовната и материјалната креација, се разбира со простор за надоградба, која е во функција на поттикнување на творечкиот набој на новите генерации, кои творат дела длабоко втемелени и инспирирани од корените на народната култура.
Тргнувајќи од тие генерални поставки, фестивалот ја отвори можноста за презентација на из-ворни, автентични и строго селектирани обработени содржини, инспирирани од изворните.
Во таа насока, уште од првиот фестивал, автентичната вокална и инструментална музика, од сите постојни видови и тематски жанрови, како и обичајни циклуси, вклучувајќи го и градскиот фолклор и традиција, изведувани соло или во група, прозвучија во сета своја убавина и мелодичност.
Ороводната традиција, украсена со сите карактеристики и стилови на регионите од каде потекнуваа групите и ансамблите, како вистинско откровение ги афирмира подзаборавените ритми и отвори нови хоризонти.
Од богатата духовна обичајна традиција, како повторно да изникнаа свадбарски, божиќни, водичарски, велигденски, додолски, лазарски, жетварски, трудови како и цел друг мозаик од обичаи и обреди, соодветно приспособени за сценска презентазија.

Во рамките на сето тоа, свое значајно место најдоа кратките жанрови, приказните, досетките, гатанките, брзоговорките и слично, интерпретирани од исклучително талентираните раскажувачи на прозното творештво, така како што се практикувало во традицијата.
Со цел да ги канализираат, насочат и едуци-раат современите креативни творечки капацитети, фестивалот отстапи простор и за новопоставени, обработени содржини инспирирани од изворните, што се покажа продуктивно и ефективно со цел и новите генерации да партиципираат во еден своевиден творечки континуитет.
Материјалното културно наследство се етаблира на фестивалската сцена преку критериумот за користење на автентични, изворни, комплетни народни носии и инвентар кој што треба да е оригинален по сите негови својства како и во традицијата.
Овој програмски концепт е јасно и децидно етаблиран во пропозициите за учество уште од првиот фестивал, а во текот на годините на континуирано постоење се надградува и допрецизира, што овозможи ефективна реализација на темелните поставки на фестивалот.
За поефективно функционирање на концептот, стручна жири комисија ги следи настапите на групите и ансамблите и им доделува награди на најуспешните.