“Покрај сценското презентирање на нашата богата народна култура и фолклорот, неопходно потребно е таа да претставува инспирација во целокупното творештво, особено кај младите.”

М-р Кирил Танчевски
Каталог на 10. Детска ликовна изложба “
УНК “Илинденски денови”, 1984 година

Креативноста на народниот уметник ја претво-ри секоја македонска куќа во уметничка работилница. Народните носии, народните везови, изработките од керамика, дрво и метал, накитот, покуќнината, алатките, инструменти, ги носат во себе креативните импулси на народот што ги создал.

Со цел народната култура да претставува инспирација на новите генерации, во рамките на фестивалот “Илинденски денови”, воспоставени се и реа-лизирани голем број пропратни манифестации, кои отвораат нови страници во развојот на културата.

Покрај многубројните изложби на народни носии и народни везови, со својата оригиналност и мисија, би ја издвоиле Републичката изложба на ракотворби мотивирани од фолклорот и народната култура, која што од 1983 година, во неколкуте свои изданија и презентации покажа колкав е креативниот потенцијал и отвори можности за надградба, афир-мација и нов практичен однос кон ракотворбите, насочен кон изработка на брендирани автентични сувенири од нашето поднебје.

“Детската загледаност, чистите зеници на детето, неговиот наивитет во изборот ја наоѓа врската со мотивите, а со тоа остварува генетичка и синкретичка синтеза на битните особености на нашата културна традиција и современост.”

Томе Момировски
Трета Детска Републичка ликовна изложба
УНК “Илинденски денови” Битола, 1977

КУД “Вардар” Гринџила, Австралија (1978 год.)
КУД “Вардар” Гринџила, Австралија (1978 год.)

Замислена да инспирира, едуцира, насочува и зачува еден својствен уметнички идентитет, Држав-ната изложба на детски ликовни творби “Народната култура како трајна инспирација во моето творештво”, воспоставена во 1975 година, веќе 35 години обезбе-дува огледало на творечкиот сенс на детскиот уметнички вруток. Анализата дека во изминатиот период преку 30.000 деца од Република Македонија изработиле свои творби, чии што корени се длабоко во традиционалните културни вредности, а цветовите се во сегашноста и растат кон иднината, е доволен показател дека изложбата постигнала своевиден творечки континуитет и ја реализирала својата мисија.