Тргнувајќи од темелните поставки за собирање, евидентирање, обработка, каталогизирање и чување на културното наследство, сите презентирани содржини од фестивалот “Илинденски денови” се соодветно документирани и архивирани, како информација, сведоштво и учебник за идните генерации.

На тој начин е оформен своевиден информативен документационен центар, во рамките на кој што се зачувани видео, фоно и фото материјали од сите одржани фестивали. Развојот на овој центар е континуиран проект кој што секојдневно треба да се надградува, модернизира и што е можно повеќе да се приближува до заинтересираните.
Основна цел на овој центар е да се зачуваат материјали од народната култура, кои што со текот на времето и природниот процес на смената на генерациите во фолклорните групи и ансамбли, многу лесно и брзо можат да исчезнат.