“Незаменливата културна мисија, која што ја извршува оваа манифестација, придонесе најголем дел од обичаите, ората, народните инструменти и песните да не се заборават.”

Мито Пеовски, Поранешен претседател на Советот на фестивалот

За да може една идеа, еден проект, да има резултати, да ја реализира својата мисија, да ги из-држи строгите  критериуми на времето и вредноста, потребно е да се базира на цврсти темели.

Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” Битола, својата дејност, својата мисија, веќе 40 години, ја базира преку оства-рување на следниве темелни поставки:

  • систематско истражување, зачувување, едукација, презентација и сценска валоризирација на автохтоните, изворните содржини и изрази од богатото народно духовно и материјално културно наследство;
  • поттикнување, подпомогнување и стимулирање на нашиот човек во татковината или било каде низ светот, за зачувување и пренесување на народните културни вредности на идните генерации;
  • воспоставување на духовен мост со сите светски вљубеници во нашата и светската културна традиција,
  • создавање на привлечна и репрезентативна сцена за стручно и научно проучување на народната култура.

Со цел да се овозможи систематска, стручна, компететна, професионална реализација и обезбедување на услови за континуиран развој на фестивалот, со Решение број 01-4851/1 од 9 јули 1973 година на Собранието на општина Битола, фестивалот прераснува во Установата за  народна култура “Илинденски денови” Битола, како институција од посебен општествен интерес, а за в.д. директор на Установата е назначен м-р Кирил Танчевски.

По повеќе децениска успешна работа, УНК “Илинденски денови” Битола и Спомен домот на културата Битола, со одлука на Владата на Република Македонија  бр. 23-5574/1 од 22.XII.2003 година, Службен весник број 84/2003, за утврдување на мрежата на национални установи од областа на културата, се обединуваат и продолжуваат со работа како Национална установа – Центар за култура, Битола.