Една од основните цели на фестивалот од формирањето па до денес претставува едукацијата на стручни кадри, кои ќе ја имаат клучната улога во развојот на групите и ансамблите.

За таа цел, врз основа на темелните поставки и заложби на фестивалот, секоја година се осмислуваат и практицираат стручни советувања со стручните лица од групите и ансамблите за време на одржувањето на фестивалот, на кои што од стручен и научен аспект се анализира и елаборира комплетниот процес, од изборот на темата, истражувањето, сценската подготовка па се до презентацијата. Како резултат на таа активност содржините прецизно се осмислуваат, рационализираат, насочуваат, култивираат и подготвуваат, ослободени од сите непотребни повторувања, неадекватни драматизации, бесцелни украсувања, калемења и надградби.

Од големиот број советувања, стручни пре-зентации, тркалезни маси, трибини, по своето стручно научно значење би ги издвоиле меѓународниот научен собир на тема “Фолклорот и етнологијата на Битола и Битолско”, реализиран во 1980 година од страна на УНК “Илинденски денови” Битола во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, како и Стручната расправа “Фолклорот во 21 век” реализирана во 2007 година.

“Семинарот за традиционална музика и игра е единствена манифестација од ваков вид, тој едуцира популација која аматерски ги обработува и презентира традиционалните вредности на македонскиот народ”.

м-р Владимир Јаневски
УГД ФМУ – Штип

КУД “Стив Наумов” Њукастел, Австралија (1981 г.)
КУД “Стив Наумов” Њукастел, Австралија (1981 г.)

Со цел да се надгради едукативната активност, во 2009 година е воспоставен Семинар на традиционална музика и игра, кој се реализира за време на одржувањето на фестивалот. Семинарот овозможува квалитетен чекор напред во едукативната надградба на кадрите, кои вложуваат креативен труд во секојдневната работа на субјектите од областа на фолклорниот аматеризам. На семинарот, преку разработката на теми од областа на народните ора, песни, инструменти, сценската презентација, културен менаџмент и соработка, се врши едукација, размена на информации, како и прилагодување и интегрирање во современиот начин на презентација и организација, со интенција за зачувување на традиционалните културни вредности.