“Слободна сум да кажам дека сето тоа што се случува на фестивалот во Битола, всушност е Македонија. Вашиот фестивал е единствен од ваков вид што сум го следела.”

Елза Иванчич Дунин
Фолклорист – кореолог од Калифорнија, САД

Конституирањето на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” Битола, како единствена сцена во Република Македонија, каде што на стручен и компетентен начин ќе се презентира, на соодветен начин валоризира и документира културното наследство, поттикна процес на развој на фолклорниот аматеризам.

Стручниот пристап, темелните поставки, стратегијата за развој на фестивалот, иницираааа формирање на голем број групи и ансамбли низ цела Република Македонија. Ако за првиот фестивал можеа да се селектираат дваесетина групи, по десетина година во Македонија егзистираа околу 200 фолклорни групи и ансамбли.

FA “Alexander the Great” Edessa, Greece (2003)
ФА „Александар Велики“, Воден, Грција (2003 г)

 

Општинските, регионалните фолклорни смотри, станаа место каде што се селектираа учесниците, а фестивалот место за презентација, насочување, надградба и стручно оценување.

Програмскиот мозаик на фестивалот од година во година се практикуваше, надоградуваше, усовршуваше. Групите водени од стручите лица на фестивалот напредуваа и се развиваа. Фестивалот започна да продуцира насоки и правци за начин на сценска презентација, разви критериуми, правила и принципи за негување на автентичните вредности и започна да продуцира кадри кои ја ширеа програмската тенденција низ Републиката, што доведе до растечки интерес за учество на фестивалот.

Самиот податок дека од воспоставувањето, на фестивалот учествуваа околу 1492 фолклорни групи и ансамбли, со преку 40.000 играорци и инструменталисти, сведочи за неговиот квалитет, реноме и значење.

На тој начин, фестивалот кој е создаден да ја негува традицијата и самиот стана традиција.
Во рамките на тие препознатливи, традиционални симболи на фестивалот, покрај четирите фестивалски вечери, со својот автентичен програм-ски концепт, се издвоија надалеку познатото дефиле под наслов “Со песни и игри низ битолските улици”, свеченото отворање со “Комитската легенда” во изведба на КУД “Илинден” од Битола, како и прекрасната публика, која со својата многубројност и изграден уметнички сенс, со децении ја покажува верноста и блискоста со вистинските вредности.