Разговор со…
Маја Андоновска Илијевски, директор на НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“

Во предвечерието на најновото фестивалско издание, поставивме 5 прашања на претседателот на советот на фестивалот…

Дали сте подготвени за почеток и славење на златниот јубилеј на Фестивалот?

Маја Андоновска Илијевски
директор на НУ Центар за култура – Битола
Maja Andonovska Ilijevski
director of NI Centre of Culture – Bitola

Со оглед на ситуацијата, и со оглед на тоа како со радост и посветеност го планиравме и работевме на фестивалот цела измината година, морам да бидам искрена дека не бевме подготвени или не сакавме да поверуваме дека ќе треба да се подготвуваме за вакво изменето издание на фестивалот, но прилагодувајќи се на ситуацијата, не кренавме раце, туку вредно сработивме нов концепт во кои се содржани сите протоколи донесени од македонската влада, за и оваа година да понудиме богата фестивалска програма, со која ќе го одбележиме 50-от јубилеј на Републичкиот Фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кој воедно е и најстар фестивал во нашиот град.

Кои мерки ги презедовте за заштита на посетителите од Ковид-19?

Задолжителна дистанца, средства за дезинфекција и задолжително носење на маски, ќе бидат главните насоки за секој посетител на фестивалот. Исто така, концепциски оваа година фестивалот нема да пречека над 1.000 луѓе од државата и светот, од различни фолклорни друштва, нема да го имаме славното и надалеку прочуено дефиле по Широк сокак со кое го отворавме фестивалот, а наместо тоа ќе имаме мали состави и групи на истакнати музичари кои со одржување на дистанцата ќе приредат 4 концертни вечери во Пациото на Завод и Музеј во Битола.

Посочете, акцентирајте сегменти од фестивалската програма

Фестивалската програма ќе ја поделам на два дела, и тоа онлајн фестивалска програма, и програма која ќе може да се проследи во живо.

Се што сметавме дека може да се коси со протоколите на работа го сместивме во онлајн делот, како што се Семинарот на традиционална песна и игра, Детската ликовна работилница каде на деца од цела земја ќе им испратиме материјали за работа, а тие преку Зум ќе бидат водени од тројца професори, а исто така неколку вечери ќе имаме и онлајн програма на која ќе учествуваат фолклорни друштва од државата но и целиот свет кои се членки на ЦИОФФ.

Она што ќе може да се посети и проследи во живо се 4 изложби и тоа 2 во Центарот за култура Битола, 1 во Магазата и 1 во Завод и музеј, потоа 4 Концертни вокално инструментални вечери во Пациото при Завод и музеј – Битола, Саем на книги од областа на фолклорот и народната култура во соработка со издавачката куќа Матица –Скопје, Промоција на зборник на трудови, Проекција на етнолошки филмови во Магазата, и Научно стручен собир на МНД – Битола и Центар за култура – Битола на тема „Академски такт за фолклорот и етнологијата“.

Дел од манифестациите ќе бидат реализирани во соработка со други институции и организации. Кои и зошто?

На огромно задоволство, оваа година заедно со МНД-Битола ќе промовираме заеднички проект „Академски такт за фолклорот и етнологијата“, со што симболично се обележуваат два големи јубилеи, 60 годишнина на МНД-Битола и 50. издание на фестивалот „Илинденски денови“.
Книгата во која има 18 научни трудови, кои имаат трајна вредност и ќе послужат како учебник за идните генерации.

Вашата порака…

Како и се останато, така и културата е погодена од светската пандемија со ковид 19. Новата реалност, значи и нови форми на реализирање, па мојата порака е, до враќање во некоја нормала, да изнаоѓаме начини и форми, за да ја одржуваме културата жива. Некаде прочитав дека културата е на респиратор, а јас ќе поверувам во тоа само кога уметниците и културните работници од целиот свет комплетно ќе кренат раце и ќе престанат да творат… но, знам дека тоа нема да се случи.