Фестивалот “Илинденски денови” отвори нова патека, нов почеток, нова страница во мотивирањето за живо егзистирање и презентација на духовната култура. Во неговото четири децениско растење, надградување и континуирано битисување, со своето знаење, стручност, труд, ентузијазам и безгранично многу љубов, се вградија илјадници играорци, интер-претатори, како и стручни лица од областа на етно-логијата, етномузикологијата, кореологијата, музиката, новинарството, публицистиката, книжевноста.

Секој од нив носи свои импресии од фестивалот.


“Од 1971 година, во македонскиот културен простор постои една значајна државна културно – уметничка манифестација, која им влева голем ентузијазам и поттик на бројните аматери од областа на фолклорот, да ги запознаваат и да ги презентираат најзначајните содржини од сопствената богата народна култура. “

м-р Кирил Танчевски
– “Фестивалот Илинденски денови”
– Битола (монографија) – НИД Микена 2004


“ Дојдете со питомите крилја на птицата во земјата што добрина раѓа.
Дојдете во рамнината полна со сончевина и песна.
Дојдете со милозвучни звуци да ги овенчаме сите наши Илиндени.
Дојдете да бидеме песна, оро и љубов, љубов за љубов да размениме,
срца да си подариме. . .
Ќе ве пречекаме со леб и сол.”

Димитар Димитровски Такец
(“ Со леб и сол”- Билтен на фестивалот 1972)


“Требаше да се одржи првиот Републички фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови” во Битола, па да се согледа на дело сета разновидност и раскошност на играорно – музичкиот фолклор во Македонија денес.”

Д-р Томе Саздов
– Билтен на фестивалот 1972


“ На вториот републички фестивал бевме почестени со незаборавни доживувања. Со натпреварувачки дух, придружен од изложби, советувања и предавања од областа на народното творештво, овој фестивал го најде најпогодниот пат за сценско прикажување на македонскиот фолклор и стана незаменлив патоказ за нашите фолклорни групи и културно уметнички друштва. “

д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев
“Изворен и свеж како Пелистерски ветер”
– Билтен на фестивалот 1973


“Третиот републички фестивал, со својата функционалност, го оправда своето постоење и довербата на сите нас, кои ја почувствувавме потребата од неопходното создавање еден фестивал, што ќе биде патоказ за сите изведувачи што во иднина ќе го презентираат и ќе го афирмираат македонскиот фолклор.”

д-р Ѓорѓи Ѓорѓиев
Македонски фолклор, број 13 (1974)
Списание на Институтот за фолклор “Марко Цепенков”


“ Во текот на фестивалските вечери проследивме разни вокални стилови и исполненија, од изворното селско назално и грлено поединечно пеење и созвучја на обредниот вокален звук, па се до малите вокални состави преку кои ја почувствувавме богатата со ритам, мелодија и хармонија, македонска градска песна.”

Боривое Џимревски
– “Илинденски денови – 1974”
– Македонски фолклор, број: 14 – 1974
Списание на Институтот за фолклор “Марко Цепенков”


“ Во целина фестивалот ми причина вистинско естетско доживување, посебно ме импресионира сестраноста и богатството на изведбите на фолклорните групи, со нивните презентирање на изворниот фолклор, без кореографски, музички и други интервенции, што најчесто само ја грдат убавината на она што нашиот народ со векови го градел.”

д-р Кирил Пенушлиски
-25 години Државен фестивал “Илинденски денови” Битола 1971 – 1995,
Монографија, УНК “Илинденски денови” Битола


“ Десеттиот, јубилеен фестивал, не само што ги даде очекуваните резултати, туку по својот квалитетен дострел, разнообразните содржински програми и масовниот одѕив кај групите за учество, претставуваше вистинска круна на основните идеи и заложби за креативно презентирање на изворните фолклорни белези на македонскиот народ и народностите што живеат во нашата Република.”

Кирил Тодевски, Вера Кличкова,
м-р Кирил Танчевски, Илија Алушевски
– Извештај и оценка на оценувачката комисија,
Билтен на фестивалот, 1980


“ Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови”, што веќе 15 години се одржува во Битола, по својот карактер претставува единствена манифестација кај нас. За овие години тој на показ изнесе добар дел од творештвото што со векови се создавало на тлото на Македонија, го разграни фолклорниот аматеризам и врши значајна мисија во афирмацијата на народната култура не само кај нас туку и на разни страни од светот.”

Кирил Тодевски
– “Фолклорните фестивали непосредни информатори и афирматори на народното творење”
– Македонски фолклор, број : 36 – 1985
Списание на Институтот за фолклор “Марко Цепенков”


“Писокот на зурлите, баботењето на тапаните, извивањето на гајдите и кавалите, како и шаренилото на раскошните носии го кренаа на нозе целиот град. Кај секого се растреперија благородни чувства предизвикани од големата шарена река од играорци, играорки, пејачи и инструменталисти во прекрасни носии. “

Илија Алушевски
– Дваесетгодишен јубилеен фестивал на народни игри и песни
“Илинденски денови” – Битола ’90,
Симбол на двата Илиндена,
– Македонски фолклор, број : 46 – 1990
Списание на Институтот за фолклор “Марко Цепенков”


“Фестивалот е празник за очите, за ушите, за нашата душа. Празник е затоа што сеуште сме народ што го разбира плачот на гајдата, завивањето на зурлата. . .Затоа што низ фестивалот го гледаме времето како целина, од вчера и денес, а работиме за утре.”

Доне Петличковски
Поранешен претседател на Советот на фестивалот
-25 години Државен фестивал “Илинденски денови”
Битола 1971 – 1995,
Монографија, УНК “Илинденски денови” Битола


“ Како и секоја година фестивалот во целост ги оствари своите цели и задачи преку реализацијата на програмската концепција. . . Сметам дека најголема придобивка на 30. фестивал е силно впечатливата појава на чалгискиот автентичен музички израз. . .”

д-р Драган Даутовски
Билтен на фестивалот 2000


“ Беа тоа денови на вистински национален празник, за сите оние што го сакаат народното творештво, бидејќи во изобилие беше присутно убавото за уво и убавото за око – македонското народно оро и македонската народна песна.”

Тофе Дракулевски
Билтен на фестивалот 2000


“Фестивалот “Илинденски денови”, со одбраната програма се најде како столб во одбрана да го сочува од влијанието на туѓите елементи кои го скрнават нашиот фолклор, од влијанија што не се својствени на автентичноста на игрите, песните, обичаите, на носијата и обредите и да го продолжи животот на изворниот фолклор.”

Блаже Палчевски, етнолог
Билтен на фестивалот 2001


“ Зарам постои нешто поубаво за свирачот, пеачот, играорецот? Сигурно НЕ ! Сето тоа останува како спомен во нивната душа, како спомен на нешто убаво, организирано, доживеано и секако спонтано, во континуитет реализирано, за сеќавање и повторна средба.”

Никола Фириев, новинар
Македонско радио, Радио Скопје
Билтен на фестивалот 2001


“ Празничност и торжественост, возбуда и занес, вознес и низа скришни нешта кои не се искажуваат, ниту опишуваат.”

Ричард Ивањишевиќ
“Празник и спектакл”
Билтен на фестивалот, 1999


“ Доследното презентирање на орската, вокалната и инструменталната традиција, ја определува и неговата понатамошна насока во правец на традиционален пристап при процесот на зачувување и сценско претставување на дел од традицијата, со презентација во духот на современиот момент”.

Благица Илиќ
ДМБУЦ “Илија Николовски Луј” Скопје